Често пати при опремување на бањата и не се посветува толку многу внимание, што ни се враќа како бумеранг. Мебелот лесно се уништува и не одговара на нашите секојдневни потреби. Но, не заборавајте дека и бањата треба да биде наша мала оаза, за постигнување на што поголем спокој. На прашањето

“кoј материјал би го употребиле во бањата?

поставено на Facebook и Instagram, од 145 одговори 93% беа одговори од наши соработници. Нивните одговори ни помогнаа да го направиме овој пост поквалитетен, а останатите 7% од одговорите ни го потврдиа фактот дека на овој простор не се обрнува толку внимание, па затоа оваа тема ја разработивме подлабоко.

 

Што е најважно кога избирате плочест материјал за во бањата?

 

Прво правило е материјалот кој ќе го изберете спрема Вашиот буџет да биде што е можно повеќе влагоотпорен. Сепак, станува збор за просторија во која има вода, влага и промена на температурата. Второ нешто што е важно е практичноста и функционалноста на мебелот и негово позиционирање во просторот. И за крај, она што можеби ќе Ви помогне во одлучувањето за материјалот е стилот кој ќе го имплементирате. 

 

Дали медијапанот е најдобар избор ?

 

Медијапанот е материјал кој се фаворизира веќе долги години на нашата територија за елементи во кујната и бањата. 

 

Медијапан – плочи влакнатици, се плочи со средна густина со тежина помеѓу 700 и 800 кг/м3. Се произведува од многу ситни дрвени струготини и пилевина поврзани со полимерни смоли со помош на висока температура и притисок. Рамномерната густина по целата дебелина го прави погоден за понатамошна обработка и режење. Добиената плоча може да се фарба, да се обложи со ПВЦ фолија, фурнир и ламинат. Фарбаниот медијапан е многу отпорен на влага но не и на механичко оштетување, додека кај оплеменетиот МДФ самата фолија ја зголемува отпорноста на механички оштетувања.

 

Тие негови карактеристики го прават повеќе влагоотпорен од иверката. Но, доколку елементот Ви е премногу блиску до тушот, за некое време и медијапанот ќе ги покаже своите слабости. Токму од оваа причина се повеќе се употребува заштитен ѕид помеѓу тушот и елементот доколку се блиску еден до друг.

 

Но, доколку меѓу нив има доволен простор и елементот не е директно изложен на вода, тогаш сте направиле супер избор.

 

 

Предноста кај медијапанот, посебно кај фарбаниот е што не сте ограничени со изборот на бојата која ќе ја употребите. Исто така дозволена Ви е и игра со форми, па лесно може да направите рустична бања.

 

 

Исто така, ако сакате дрвен елемент како поевтина варијанта од поставување елемент од масивно дрво е фурнираниот медијапан. Со него може да добиете луксузна бања со мебел кој трае.

 

 

Повеќето од одговорите беа дека би употребиле фарбан медијапан за корпусот, и тоа е одлично решение. Но, сепак во купатилски елемент со фиоки јас би ставила метални фиоки. Зашто? Пред се затоа што ќе заштедам време за фарбање на парчињата, а фиоката ќе трае подолго.

 

Металните фиоки се поотпорни, потрајни и не стравуваме дали ќе набабрат или ќе се оштетат доколку дојдат во допир со вода или се истури некое средство во нив. 

 

 

Дали може да се користи иверка ?

 

Едно од прашањата кое редовно се поставува е дали може да се користи иверка во бањата.

 

Иверка е плоча направена од иситнето дрво или други лигноцелулозни материјали кои меѓусебно се поврзани со органско лепило со помош на висока температира, притисок, влага и зацврстувачи. Се произведува од отпадно дрво и пилевина кои се мешаат со специјален лепак а потоа се пресуваат на одредена дебелина.

 

Тоа значи дека доколку внатрешноста на иверката дојде во контакт со вода многу полесно ќе набабри одколку медијанот. Како што веќе добивме еден одговор на Instagram, во овој случај исклучително е важно да се кантира со PUR влагоотпорен лепак.

 

Овој лепак спречува навлегување на вода и влага. Елементите изработени од оплеменета иверка во никој случај не се препорачува да бидат блиску до тушот. Притоа задолжително е да бидат закачени на ѕидот или поткренати на високи ногарки, како не би имале контакт со водата на подот.

 

Предност на користење на иверка во овој случај е големиот избор на бои и структури, како и цената која е достапна за сите.

 

Шпер плоча – за смел дизајн.

 

Шпер плочата е материјал кој е помалку познат и дефинитивно помалку се користи во однос на иверката и медијапанот на нашата територија.

 

Шпер плочата е составена од повеќе слоеви на фурнир импрегниран со фенолна смола и пресован под висок притисок. Таа е едноставна за обработка и нуди голема издржливост и цврстина. Влагоотпорност се постигнува со нејзино лакирање или фарбање што ја прави погодна за употреба во бањата.

 

 

Иако само 3% од одговорите ја понудија шпер плочата како опција, истата е доста погодна за употреба во бањата. Па можеби следниот проект во бања ќе биде токму со шпер плоча? 🙂

 

Освен што е доста влагоотпорна шпер плочата издржува и голема тежина без да има банана ефект, па може да ја користите и како полица на која ќе чувате големо цвеќе или омилените книги.

 

Компакт плочи

 

Најмалку понудениот одговор беше токму компакт плочата.

 

Компакт плочите се произведуваат со поврзување на влакнесто јадро со декор фолија импрегнирана со меламинска смола, при висока температура на висок притисок и тие имаат повеќеслојна структура. Нивната голема отпорност од временски услови и оштетувања ги прави одличен материјал за употреба на ентериери и екстериери.

 

Компакт плочите иако најнепознати сеуште за нашата територија тие се всушност најпогодниот плочест материјал за во бањата. Освен што може да го ставите во близина на тушот, него слободно може и да го туширате :). Всушност, од компакт плочите може да направите и туш кабина, може да ги користите и наместо плочки, и да направите елемент со нив.

 

Предноста кај компакт плочите е тоа што може да поставите и 8mm плоча со која ќе добиете супер естетски изглед, а нема да се плашите дека ќе се оштети.

 

 

Компакт плочите се:

 

  • Отпорни на временски влијанија
  • Отпорни на високи температури
  • Декоративни
  • Не бледеат
  • Самоносечки
  • Двострани
  • Отпорни на гребење
  • Едноставни за одржување
  • Хигиенски ( одобрени за употреба во болници, аптеки, лабаратории… )