На Ваше барање темата која ќе ја обработивме оваа недела се островите во кујна. Иако островот е нешто што го посакуваме сите, има многу работи на кои треба да се внимава.
Посебно со новиот тренд на спојување на дневната, трпезаријата и кујната во еден простор, приморани сме да посветиме поголемо внимание на овој премин на просторите. Како од естетски, така и од функционален аспект.
Определете ја функцијата која островот ќе ја има
Пред се за да знаете кои материјали ќе Ви бидат потребни за островот мора да разграничите која ќе биде неговата функција. Дали ќе Ви биде дополнителен работен простор? Дали сакате да го користите за собирање со друштвото? Можеби за готвење, или миење….
Исто така се почесто островот се користи како простор за јадење, односно како трпезариска маса. Со тоа се заштедува на просторот.
Колку простор помеѓу островот и кујната ?
Без разлика дали станува збор за остров или шанк, просторот помеѓу нив и елементите на кујната се препорачува да биде најмалку 60cm најмногу 120cm. Праксата покажала дека ова растојание е најидеално за функционирање во кујната, да има простор за движење, но и да не бидат премногу разделени како не би правеле непотребни движења кои би ни го зголемиле времето потребно да стигнеме од точка А до точка Б.
Кој материјал да го користиме за изработка на островот ?
Несомнено островот се изработува од истиот материјал како и остатокот од кујната. Пред се за да не ја прекинеме динамиката на просторот.
Потоа без разлика за што ќе го користиме островот, работната површина не би препорачала да е изработена од медијапан или иверка поради “агресивноста” при нејзината употреба. Доколку користиме медијапан или иверка истите би можеле брзо да се изгребат. Што не е случај кај работните плочи, компакт плочите или мермерот кои се спремни да ја издржат динамиката во кујната.
Не секогаш мора да го користите истиот декор на работна плоча што е поставена во кујната. Тука може да ја пуштите фантазијата и да ставите декор кој ќе биде втора или трета боја во кујната.
Ширина на работна површина
Ширината на материјалот кој сме го избрале за работна површина во кујната најчесто е 600mm. Што не е случај и кај островите. На островите се поставува површина од 900 – 1200mm во зависност од потребите на корисникот. Затоа производителите на плочест материјал од најпродаваните декори произведуваат така наречени островски работни плочи и островски компакт плочи.
Па, така кога правите остров она што треба да го имате на ум е да проверите дали има островска димензија на декорот кој сакате да го употребите како работна површина.
Димензија на островски елемент
Димензијата на островскиот елемент е нешто што зависи од просторот со кој располагате и намената за која Ви е островот.
Она што може да Ви нагласиме е да внимавате на висината и ширината на елементот.
Доколку островот го користите секојдневно, без оглед дали само како дополнителен работен простор или готвите и миете на него тогаш, висината не е нешто со кое треба да си играте. Во тој случај островскиот елемент треба да ви биде прилагоден на висината со остатокот од кујната.
Како димензии за висина на кујна се земени од 84-86cm. Она што ќе Ви нагласам е дека доколку сте ниска домаќинка и правите кујна по мерка не се плашете да побарате пониска кујна. Тука дури и користењето на тенка работна плоча може да игра супер улога во комфорот што ќе го добиете при готвење. ( За ова во друга прилика).
Понатаму, доколку планирате да ставите столчиња, пред или покрај островот не заборавајте елементот да биде барем за 200mm поплиток или пократок од работната плоча, како истиот би бил погоден за користење.
Доколку сакате да имате бар каде би уживале во добро вино, не така добар избор е целиот островски елемент да биде висок. Тогаш најчесто се јавува потребата од поставување на два елементи со различни висини.
Она што не смеете да го заборавите е да ставите што повеќе фиоки во елементот, како би го искористиле целосно просторот за складирање. При поставување на длабоки фиоки, просторот помеѓу островот и кујната треба да е повеќе од 60cm, како би имале простор за движење и кога фиоката е отворена. Зашто фиоки – видете тука.
Што кога сакаме ринглата да ни биде дел од островот ?
Тука најважно од се е навремено да се разгледаат сите опции за поставување на вентилација, или да се најде доволно моќен аспиратор со филтри за целосно прочистување на воздухот.
Повеќе за изборот на островски аспиратор и вентилацијата може да прочитате во оваа брошура.
Исто така доколку имате плоча за готвење на островскиот елемент, поради греењето и пареата кои се создаваат препорачано е да ставите и решетка за вентилација. Со цел елементот, но и вградената плоча да траат што подолго.
Не ја заборавајте конекцијата
За крај. Но, не и помалку важно. Конектирајте се паметно.