При уредувањето на домот сè повеќе луѓе се одлучуваат за изработка на мебел по мерка, наместо за оној кој веќе го има во салоните за мебел.
Предноста на мебелот по мерка е во можноста максимално да го искористите просторот, да направите комбинации на бои и стилови кои вам ви се допаѓаат и секако, сами да одлучите од каков материјал ќе биде изработено секое парче мебел.
Мебелот по мерка најчесто се изработува од медијапан и иверка, прочитајте во продолжение која е нивната разлика.
Што е иверка?
Иверка е производ на база на отпадно дрво и пилевина направен со специјална техника на континуирано пресување под висок притисок и температура со додавање на лепак. Најчесто служи како основа на која се поставува декоративна меламинска фолија со што се добива финалиот изглед на иверката.
Тоа значи дека доколку внатрешноста на иверката дојде во контакт со вода многу полесно ќе набабри отколку медијанот. Во овој случај исклучително е важно да се кантира со PUR влагоотпорен лепак кој спречува навлегување на вода и влага.
Што е медијапан?
Медијапан, или МДФ е производ исто така базиран на дрво, но со сосема различни карактеристики од иверката. Се создава со пресување на дрвен прав со врзувачки материјали под висок притисок и температури. Затоа, МДФ е погуст, потежок е, но и појак од иверката. За разлика од иверката, површината на медијапанот е мазна, па затоа не мора да се покрива со фолија, туку може и да се фарба. Рамномерната густина по целата дебелина го прави погоден за понатамошна обработка и кроење.
Исто така, лакираниот медијапан е неспоредливо поотпорен на влага. Затоа медијапанот најчесто се користи за фронтови, односно сите видливи делови од мебелот, а иверката за внатрешните компоненти. На пример, предните панели на фиоките, како и вратите на кујнските елементи можат да бидат направени од медијапан, додека сите внатрешни делови, како што се фиоки, полици, страните на кујнските елементи, се направени од иверка.
Кога ќе се спомене поимот иверка пред сé се мисли на плоча добиена со пресирање на пилевини. Постојат иверки со различни дебелини од 10, 12 милиметри, па се до 58 милиметри. Иако не е правило, често од самата иверка не се изработува целиот мебел, туку само одредени делови. Притоа, најмногу се користи за изработка на основа за кревети, корпус на кујни, делови од гарнитура, полици и најразлични други делови. Плочите од медијапан се погусти, потврди и поотпорни во однос на иверките и исто така се многу едноставни за обработка. За разлика од иверките, медијапанот не се струга и тоа му овозможува секоја страна да изгледа убаво и мазно. Плочите од медијапан обично се 18 милиметри и се користат за видливата страна од елементите.