Да се задржи вниманието на детето и мотивацијата за учење, ќе биде најголем предизвик за родителите во периодот кој следува. И родителите и децата имаат малку време да се прилагодат на “новото нормално” и да се вратат на нивните општествени обврски. Приоритет на секој родител до започнување на учебната година психичката подготовка на детето, но и прилагодување на физички простор за учење во домот. Неизбежно дека на секое дете ќе му биде потребно катче кое ќе му помогне да остане огранизирано, мотивирано и посветено на обврските кон училиштето.

Иако, тоа во прв момент значи пари и време, постојат доста проекти кои може да се направат и со минимална инвестиција, а да му укажат на детето дека не е само и дека неговиот труд се цени.

Дозволете му на детето да учествува во создавање на неговото катче.

Каде да се постави катчето за учење?

Она што најчесто го препорачуваат психолозите, пред се е – да не се учи во иста просторија каде што има телевизор и да не се одвива процесот во кревет. Па, доколку имате можност одвојте ги просторот за релаксирање со просторот за учење. Најчести места каде се поставуваат бироата се детската или спалната соба. Но, не толку редок случај е и дневната соба. Исто така од голема важност е просторот да биде осветлен, по можност со дневна светлина за да ја одржи свежината кај детето.

Доколку просторот каде што планирате детето да учи е темен поставете LED осветлување над бирото како би добиле пријатна, смирувачка атмосфера.

На што треба да се внимава ?

Пред се мора да внимавате на висината на бирото како не би добиле несакани ефекти кај грбот на децата. Доколку сега го правите бирото внимавајте да има соодветна висина и доволно простор да се постави електронски уред, учебници и тетратки.

Доколку немате поставено ѕидни елементи над бирото, тогаш она што не смеете да го прескокнете е поставување на полици. Со тоа сите книги на детето ќе му бидат “при рака” и на видно место, па ќе може брзо и уредно да премине од еден на друг предмет, без притоа да го трупа просторот за учење.

Доколку можете поставете табла за пишување или за мемо стикери, како би имало детето каде да ги запише своите задачи и да го следи прогресот на истите.

Со оглед на тоа што технологијата ќе биде неизбежен учесник во процесот на учење, внимавајте детето да има соодветна конекција и што помалку кабли кои што се “мотаат” низ просторот за учење. Тоа ќе го постигнете со поставување на вградени утичници или со розетни низ кои ќе поминуваат каблите.

Исто така, препорачливо е да поставите мала корпа за отпадоци која ќе му биде во близина на детето да нема потреба да се трупа со отпадок на работната површина или да станува до другата просторија за да го фрли отпадокот. Со ова може да ја поттикнете и желбата за рециклирање кај децата, како не би заборавиле на своите обврски и почитување на дадени правила.