1. Накратко за вас?

Проектантското биро Формика Плус постои веќе 10 години, но како партнери во создавањето архитектура сме заедно од факултетските денови. Оформувањето на заедничко биро беше логичен чекор. Најголемо задоволство во работата ни е создавањето на уникатни ентериерни решенија и архитектура за станбени куќи, бидејќи таму е најголема креативната слобода. Инаку работиме работиме проекти за секаков тип на објекти и секој има свој предизвик. Кај ентериерите и станбените куќи, предизвикот е да создадеш простор кој ќе биде соодветен на стилот и начинот на живеење на одреден профил на човек или семејство. Ги учиш нивните навики, споделуваш интимни домашни приказни, знаеш што прават во слободното време, знаеш дали и што готват, дали имаат куќна слава, дали гледаат фудбал, дали читаат… и така после сите тие споделени информации често пати од клиенти, тие ни стануваат пријатели.

2. Како би го опишале вашиот стил на работење ?

Не би можело да се каже дека имаме одреден стил на работење. Имаме прнципи на работа кои сакаме да ги запазиме во секој проект. Кога создаваме одредена архитектура се трудиме резултатот да биде добар баланс помеѓу рационално искористен простор, естетика и функционалност. Често знаеме и да ги подучуваме клиентите за современите трендови во архитектурата и дизајнот, за да бидат способни да гледаат од друга перспектива за она што ќе го добијат како финален продукт. Важна ни е прецизноста во изработувањето на проектите и најважно е дека секогаш се трудиме резултатот да биде уникатен и прилагоден на потребите на клиентите. Имаме посебен однос кон ‘убавото’. Сакаме чисти и јасно дефинирани површини. Би можеле да создадеме проекти во различен стил, но тие секогаш мора да ги запазат нашите естетски критериуми како геометрија, пропорција и баланс во избор на бои.

3. Со кои материјали највеќе преферирате да работите?

Материјалите секогаш ги прилагодуваме спрема проектот и потребите, и секако одредениот буџет од страна на клиентот. Се трудиме да вметнеме што е можно поголем број природни материјали во секој проект. Употребата на дрво или фурниран медијапан допринесува за една потопла домашна атмосфера. Иверицата се користи скоро во секој проект, но кога буџетот дозволува секогаш би одбрале фарбан медијан, бидејќи можностите се побројни. Иако во последно време трендот за висококвалитетни иверици со разновидни и реалистични декори ни го смени овој став, па од таму, зачестено ги употребуваме во проектите. Ивериците од палетата на Skin особено ни се допаѓаат. Боите се трудиме да бидат складни и смирени, не употребуваме јаки нијанси. Структурата на материјалите ни е исто важна и не користиме материјали со висок сјај. Отворени сме за експериментирање со нови материјали, ги проучуваме нивните карактеристики и можности со цел да постигнеме единствени решенија и дизајн.

4.Омилен уметник од каде црпите инспирација.

За инспирација во ентериерите се трудиме да ги пратиме трендовите кои ги создаваат водечките производители за мебел како Molteni, B&B Italia, Vitra и други. Во ова време каде работите се движат премногу брзо, така и во полето на архитектурата има влијанија од разни делови на светот, па затоа важно е да се биде во тек со работите. Да се патува, да се истражува, да се чита и да се размислува со отворен ум и без поставени граници. Со она што ни го нуди интернетот и достапноста на информациите сите работи се значително олеснети, но и отежнети во исто време, бидејќи треба да се селектира она што е добро од она што не е. На секојдневно ниво следиме повеќе релевантни светски портали за последните дострели во архитектурата, но секако сите трендови треба да се прилагодат на ова поднебје, клима, можности во изведбата и куповната моќ.

5.Кој стил сметате дека ќе ја обележи 2019?

За разлика од претходните години, индустрискиот стил веќе е во залез. Она што е и ќе биде уште актуелно е скандинавскиот стил, и тој нема да исчезне бидејќи употребата на многу дрво и светли бои за да се добие една ‘cosy’ атмосфера е нешто што често луѓето го бараат и не е многу скапо да се постигне. Во подем е комбинацијата на современи ентериери со рустикални елементи, како кај Современ француски стил и Современ британски ‘cottage style’. Нивни карактеристични елементи се рустична кујна со профилирани вратички, користење на профилирани декоративни лајсни на ѕидови и плафони, и употреба на природни материјали како мермер, гранит, камен.