5 брзи прашања со Сара Ацевска
- 1. Накратко за тебе. Како е да се биде жена во делумно машки свет?
Најкратко што можам, јас сум Сара од Мебел Ацевски. Мебел Ацевски е мојата фамилијарна фирма, меѓутоа за мене е многу повеќе од само бизнис. Јас пораснав заедно со фирмата, од првите сеќавања во деведесетите како се вртам на канцелариско столче и ги набљудувам мајсторите преку стаклото во малата канцеларија во работилницата во Раде Кончар, до денес, на слично такво столче, менаџирајќи го производството на мебел во новиот модерно опремен погон во Бардовци. Моето работно место го доживувам како втор дом, па така се што правам е со многу љубов и посветеност.
Да се биде жена помеѓу толку многу мажи во областа е предизвик и секој кој би го негирал тоа би излажал. Меѓутоа, на некои работи се навикнуваш, против некои се бориш, па крајниот резултат може да биде успех.
- 2. Кои елементи го дефинираат твојот стил?
Од каде црпиш инспирација?
Искрено, не знам како да одговорам на ова прашање, бидејќи немам елементи кои ми го дефинираат мојот стил. Фасцинирана сум од начинот на кој архитектурата и дизајнот влијаат на секојдневниот живот на човекот и степенот до кој добро проектиран простор може да го подобри неговиот квалитет на живот. Па така, обожувам да експериментирам, и со материјали, и со технологија. Се трудам секогаш да сум во тек со трендовите, читам, посетувам саеми и разни настани, патувам… Секако, важно е и квалитетно поминатото време со луѓе од кои има многу да се научи, а за среќа ги имам во мојата околина.
- 3. Со кои материјали е најпредизвикувачки да се работи?
Секогаш ми е предизвик да работам со материјал со кој претходно немам работено, да му ги проучам можностите и да видам што можам да произведам со мојата технологија. Предизвик ми е и да пронајдам начини за добрите материјали да можат да бидат широко достапни, а не луксуз. Исто така, целта ми е да бидам што е можно повеќе еколошки свесна, без непотребен отпад и со долготрајни материјали кои не ја загадуваат планетата со своето производство. Тоа ни беше и една од главните цели при отворањето на новиот погон.
- 4. Функционалност или естетика?
Не може да постои функционалност без естетика, бидејќи естетиката сама по себе е всушност функција. Естетската компонента на просторот му обезбедува најдлабока поврзаност со субјектот, а со тоа и негова трајност.
- 5. Што мислиш за растечкиот тренд на рустични кујни? На што треба да се внимава при креирање на една кујна со овој стил?
Многу е важно материјалите да не „глумат“ нешто што не се и да бидат автентични. Помалку ламинати со разни дезени, повеќе дрво и мермер. Помалку пластика, повеќе добро обработен челик. Овој тренд се однесува повеќе на употребата на материјали од природата, а помалку на самата форма на елементите, која најчесто останува модерна.